Колку долго ќе издржи светската економија?
Кога Организацијата за економска соработка и развој на 23 септември во Париз ја претстави својата времена прогноза, заклучокот звучеше речиси охрабрувачки. Светската економија, која минатата година порасна за 3,4 проценти, годинава би требало да забележи раст од 2,9 проценти, што е една десетина повеќе од проценката во јуни. Притоа, ОЕЦД ја намали прогнозата за 2027 година на 3 проценти. Се работи значи за успорување, но не и за криза, каква што многумина очекуваа по избувнувањето на војната со Иран.
Објаснувањето за оваа отпорност ОЕЦД го бара во неколку фактори кои делувале истовремено. Владите со обемни мерки ги заштитија домаќинствата и фирмите од високите цени на енергијата. Производителите надвор од Заливот ја зголемија понудата на нафта и гас, а со трошењето на стратешките резерви беше ублажен најголемиот удар. Не помалку важен беше и бумот на вештачката интелигенција, кој ги поттикна вложувањата, производството и трговијата.
Сликата по земји е сепак нерамномерна. За САД се предвидува раст од 2,2 проценти, а Кина, со 4,5 проценти, и понатаму расте најбрзо меѓу големите економии. Еврозоната, чија прогноза беше подигната за две десетини, би требало да порасне за скромни еден процент. Изненадувањето на годината е Германија, чија прогноза беше крената од 0,7 на 1,1 проценти, бидејќи побарувачката за електроника, поттикната од бумот на вештачката интелигенција, неочекувано го зголеми нејзиниот извоз. На тоа се додаваат и јавните вложувања во одбраната и инфраструктурата. Подобро од очекуваното поминува и Италија, чија прогноза беше зголемена од 0,5 на 0,9 проценти. Шпанија, со раст од 2,6 проценти, останува меѓу најдинамичните европски економии, додека прогнозата за Франција беше намалена на само 0,4 проценти.
Зад релативно добрите бројки за растот, сепак, се крие проблем кој нема да исчезне брзо. Инфлацијата во земјите од групата Г20 годинава би требало да достигне 4,1 проценти, што е повеќе од 3,4 проценти колку што изнесуваше лани. Дури и во еврозоната, каде растот е скромен, се очекува инфлација од околу 3 проценти. Во Шпанија таа би можела да достигне 3,7 проценти, што покажува дека брзиот раст има и своја цена. Генералниот секретар Матијас Корман, кој извештајот го претстави заедно со главниот економист Стефано Скарпета, затоа предупреди дека заштитните механизми, кои досега го впиваа шокот, постепено се трошат.
Колку долго ќе трае оваа отпорност, зависи пред сè од Блискиот Исток. Доколку војната се оддолжи и извозот на енергенси од регионот остане нарушен, притисокот врз цените би можел повторно да се засили. ОЕЦД ги наведува и ризиците од исклучително силен Ел Нињо, како и од понатамошен раст на каматите на долгорочните државни обврзници.
Најнезгодното прашање, сепак, се однесува на самиот мотор на досегашниот раст. Ако огромните вложувања во вештачката интелигенција не ја донесат очекуваната заработка, би можеле да ослабат токму силите кои годинава ја одржаа економијата. Со други зборови, отпорноста на светската економија засега почива на крехки темели.